Изберете го вашиот јазик

Аикидо

Боречка вештина што за цел го има мирот.

Суштината на Аикидото како боречка вештина

 

Aikido written in japanese kanji alphabet

Аикидо напишано со јапонската

„канџи“ азбука.

Аикидо е боречка вештина развиена од Морихеи Уешиба (1883-1969) во која при справување со агресија или конфликт, нагласена е хармонијата наместо судирот. Што значи ова практично? Дека нашата намера, а следствено и нашето делување во справувањето со агресија (било да е физичка, вербална или било каква друга), не е да заземеме позиција на отпор или спротиставување, туку да се здружиме со насочената енергија на противничката страна, правејќи ја наша сопствена пред да ја поведеме кон разрешување, каде што нејзината енергија и нејзината почетна агресивна намера ќе бидат неутрализирани.

Оттука, аикидото е боречка вештина која ги надминува стандардните боречки исходи „победа или пораз“ во справувањето со одреден напад и нуди поинаков начин за справување со конфликтите.

Овој идеал на преминување од конфликтна ситуација во нејзино хармонично разрешување не е само филозофски предлог. Тој мора да биде изразен преку целото наше битие и да се гледа во нашето дејствување, особено кога сме под притисок, тогаш кога тоа е најважно. Низ физичкиот тренинг учиме постепено да ги напуштаме нашите реактивни и постојани тенденции да се браниме со блокирање и борење, а наместо тоа да се препуштиме на можноста да бидеме отворени и навидум незаштитени, колку тоа и да звучи парадоксално и нелогично отпрво.

Останувајќи така отворени, во подобра позиција сме да ја утврдиме уште поточно фактичноста на ситуацијата, а останувајќи опуштени и ослободени од уплашени и блокирани позиции на телото, во подобра ситуација сме да одговориме со поголема флексибилност и слобода.

Блокираниот став и здрвеноста, едноставно не се толку функционални стратегии за надминување на конфликти како што тоа се отвореноста и флексибилноста.

Во оваа смисла Аикидото е дисциплина каде што на умот и телото се гледа како на нераздвојни аспекти од една целина уште од самиот почеток на тренирањето. Нашите стравови и ментални позиции верно се покажуваат на нашите тела како здрвеност (кочење), губење на рамнотежата и според тоа, како недостаток на слобода.  Директното искуство на отпор и борба во процесот на тренирање со нашите партнери јасно ни покажува каде сме заглавени и блокирани и потоа каде треба да биде насочено делувањето за наше ослободување.

 

Луѓето се родени меки и суптилни.
Мртви, тие се вкочанети и тврди.
Растенијата се родени нежни и свитливи.
Мртви, тие се кршливи и тврди.

Така секој што е здрвен и не флексибилен
е следбеник на смртта.
Кој е мек и попустлив
е следбеник на животот.

Тврдите и крутите ќе бидат скршени.
Ќе опстанат меките и нежните.

Тао те Чинг. Поглавје 76.

 

Школи и стилови на Аикидо

Основачот на Аикидото Морихеи Уешиба (познат како О Сенсеи и оттука натаму така именуван) ја развил оваа вештина низ многу долго тренирање и разнолики искуства, и следствено, така минувал низ многу фази при неговиот развој и созревање.

Денес гледаме плејада на различни школи за Аикидо низ целиот свет, од многу „тврдо“ физички ориентираните стилови со поголем нагласок на борба до многу „меки“ приоди ориентирани кон здравје и вежба. Ова ги отсликува многуте ученици кои О Сенсеи ги имал во различни периоди во развојот на неговата вештина, кои потоа заминале за да основаат свои школи со свои филозофски интерпретации и различни дидактички приоди. Исто така, ниту една традиција не мирува при предавањето од колено на колено, па така и Аикидото продолжува да се развива и менува, особено кога со толкав жар се шири надвор од културните границите на неговото постанување. Оваа различност на интерпретации и изрази е дел од богатото наследство и потенцијалот на вештината.

 

Аикикаи Аикидо

Во Македонската Аикидо Федерација ја следиме централната линија претставена од Аикикаи Фондацијата, организација основана од создателот на аикидото. Уште поточно, кај нас аикидото се предава и учи според дидактичкиот систем составен од еден од најпознатите Аикикаи шихани – Масатоми Икеда сенсеи. Овој систем тој го нарекол Саншинкаи (тројадрен систем).

Тој се карактеризира и се разликува од останатите школи и стилови на Аикидо во следниве области:

* Акцент на систематизирани основи и јасно разбирање на причините кои водат до применување на одредена техника.
* Ако нема напад нема потреба од одбрана!
* Вежби со оружје (дрвен меч, стап и нож).

Контактирајте не'

ул. Никола Тесла 2/2-26, Скопје 1000, Македонија

  • dummy+389 (70) 764066

  • dummy+389 (2) ******

  • dummy office@aikikai.org.mk

Сметка

Примач: Аикикаи МКД - Скопје
Адреса: Никола Тесла 2/2-26 Скопје
Банка: Комерцијална банка АД
Сметка: 300000002348115

Search